Ракометарите на Вардар се враќаат од Норвешка со еден бод откако одиграа нерешено против Елверум така што тргна добро во новата сезона. Иако можеше да се дојде и до триумф, сепак, и Елверум имаше свои шанси, па на крајот поделбата на бодовите е веројатно најреалниот епилог.
Во тоа се согласува и тренерот на вардарци, Веселин Вујовиќ, кој го потврди тоа на прес-конференцијата после натпреварот.
„Им честитам на противниците за прикажаното денеска. Одигравме интересен натпревар уште од почетокот. Ние бевме подобри во првиот дел од средбата, а Елверум во вториот и можеби нерешениот епилог е реален резултат. Елверум играше многу добар ракомет и на високо ниво. Многу клубови ќе изгубат тука, во тоа сум сигурен. Сепак, немаме многу време за размислување. Веднаш ќе почнеме со подготовки за следните натпревари“, коментираше Вујовиќ после средбата против Елверум.
Ракометарите на Вардар в петок ги очекува натпревар од 2. коло во Супер машката лига против Радовиш, а веднаш потоа за викенд ќе следува средбата од 3. коло. Вардарци ќе гостуваат во Охрид.