Вардар ќе го „тестира“ Алборг пред Супер Глоуб

Европскиот вицепрвак Алборг потврди дека ќе настапи на неофицијалното светско клупско првенство, Супер Глоуб. Данскиот дрим-тим ја прифати поканата на ИХФ и ќе се појави на турнирот од 4 до 8 октомври во Саудиска Арабија.

Алборг ќе гостува во Скопје кај Вардар на дуел во Лигата на шампионите на 30 септември, па веројатно од Македонија ќе патува за Саудиска Арабија и двобојот со македонскиот првак ќе биде последна проверка пред Супер Глоуб.

Ќе играат десет екипи, а четирите со најслаб рејтинг ќе играат осминафинале. Двата победници во таа фаза продолжуваат во четвртфиналето, каде што ќе бидат европските претставници.

Барселона е бранител на трофејот, покана доби и Магдебург како победник во Лигата на Европа, тука ќе биде Алборг, а место има обезбедено и Ал Духаил од Катар како победник на Азиската Лига на шампиони. Од зоната на Океанија, претставник е Бризбејн.

Ќе играат два тима од Саудиска Арабија, како и по еден претставник од Африка, Северна Америка и Кариби, како и тим од Централна и Јужна Америка. Двојките ќе бидат дополнително познати.