Лазаров: Ќе го дадам максимумот да им помогнам на младите

Капитенот на репрезентацијата на Македонија е еден од ретките ракометари кои се активни во четири различни декади и го испишува својот ракометен пат долго време.

Тој е единствениот кој играше и во 1999 година, а и сега е уште на теренот.

„Среќен што сум повторно во Египет, горд и среќен да бидам со мојата репрезентација. Да се биде на Светско првенство, тоа за мене е вторпат, првиот пат беше во 1999 година. Знам дека Египет е ракометна земја, има традиција и се вложуваат многу финансии во овој спорт. Знам дека очекуваат големи нешта и се на вистинскиот пат. Египет има и добар селектор, Роберто Парондо со кој бев соиграч во Сиудад Реал, а тој во моментов е еден од најдобрите тренери и мислам дека допрва ги очекуваат најдобрите резултати. Имаат добри играчи, земјата живее за ракометот, навивачите го сакаат ракометот и тоа е најважно“, вели Лазаров.

Тој зборуваше и за она што го очекува до крајот на првенството, а вели дека уште нема донесено одлука до кога ќе биде на теренот.

„Сега не можам да кажам што ќе се случи со мене, сакам да земам време за донесување на одлуки, но дојдов тука да им помогнам на репрезентативните колеги, бидејќи имаме млад тим и ќе го дадам максимумот од моја страна да им помогнам. Нашата цел е да одиме во вториот круг и имаме решавачки меч со Чиле, тоа е шанса за нас. Засега не сме задоволни од настапите, загубивме со голема разлика од Шведска и Египет со голема разлика, но сега треба да се концентрираме на Чиле“, коментираше капитенот на репрезентацијата на Македонија.

Македонија во првото коло загуби од Шведска со 20:32, а потоа од Египет со 19:38. Утре игра против Чиле од 15:30 часот и ќе има обид за да дојде до победа за да се пласира во вториот круг.