ИХФ направи промена на протоколот, ковид тестови на секои 24 часа

Светската ракометна федерација донесе одлука да направи промена на протоколот што се однесува на тестирањето за Ковид-19 на учесниците на 27. Светско првенство во Египет.

По двата позитивни случаи пред почетокот на првенството во словенечката репрезентацијата, а денеска и позитивниот ракометар во данскиот тим, ИХФ се одлучи наместо на 72 часа да прави тестови на секој 24 часа.

Тоа значи дека од утре, сите членови на делегациите, како и сите судии и официјални лица, како и луѓето кои се дел од организацијата на првенството ќе подлежат на ПЦР тестови секојдневно.

Македонските ракометари во средата пристигнаа во Каиро, каде во автобус подлежеа на брз тест, потоа во хотел имаа еден ПЦР тест, како и вчера пред натпреварот со Шведска на отворањето на првенството.