Вујовиќ: Заслужено победивме, нè понесе добрата атмосфера

Тренерот на Вардар, Веселин Вујовиќ беше задоволен од направеното на оваа средба и првата победа сезонатава иако пред натпреварот страувал од тоа каков ќе биде епилогот денеска.

„Се плашев од натпреварот бидејќи знам каква екипа има Мешков Брест. Натпреварот го отворивме со голема мотивација, а ни помогнаа и неколку одбрани од Томовски како и атмосферата која беше присутна на трибините. Некако бевме носени од добрата атмосфера. Шутерите беа расположени, а голманите на Мешков Брест имаа лош ден. Кога влегоа во фазата 5-1 ми беше проблем да играм со браќата Њокас кои уште не се доволно уиграни, па измислив некое решение со Дибиров во средина и со Гаџа. Го решивме тоа и влеговме во мирна завршница. Заслужено победивме. Мешков Брест има многу повредени, а ние ја искористивме оваа ситуација“, коментираше Вујовиќ после средбата.

Добрата одбрана беше клучот бидејќи не беше дозволено противникот да ја покаже играта со која главно доаѓа до лесни погодоци.

„Мислевме на тоа како да го запреме Скубе. Игравме колективна одбрана да ја запреме играта со пивот. Можеби 35 гола не се реални бидејќи не играме на толку погодоци. Сепак, се случи тоа бидејќи таков беше натпреварот.Затоа после нема како да се објасни ова што се случи“, изјави Вујовиќ.

Вардар од првите две средби има три бода, а веќе следната среда доаѓа нов дуел. Натпреварот се игра повторно во Скопје во „Јане Сандански“. На 29 септември гостува минатогодишниот вицешампион, Алборг.