Важни бодови за Куманово во борбата за опстанок – совладан дебитантот

Ракометарите на Куманово остварија важна победа во битката за опстанок, славеа на свој терен против Борец ФЛ со 28:25 (14:13).

Домаќините двата бода ги освоија со подобрата концентрација во последните петнаесетина минути од натпреварот, откако беше 23:23, постигнаа четири гола во низа за 27:23 и мирна завршница.

Предводник во победничката екипа беше младинскиот репрезентативец Давид Димевски со седум погодоци, по шест имаа Лука Матачиќ и Фернандес Да Силва.

Прво име во поразениот табор беше Габриел Гуедеш со девет реализации, а седум имаше средниот бек Марио Миланов.

Куманово со денешната победа го зголеми бодовното салдо и со седум бода се задржа на 3. позиција во суперлигашкиот плеј-аут, додека дебитантот останува на петтото место со четири бода.

Ракометарите на Куманово во следното коло ќе играат против незгодниот Радовиш, додека Борец ФЛ ќе го пречека Прилеп.