Ваљадолид му посака добредојде: Карапалевски е интелигентен среден бек, одличен во „еден на еден“…

Шпанскиот тим Ваљадолид му посака добредојде на македонскиот среден бек Мартин Карапалевски, кој од лето ќе го има првиот меѓународен предизвик во кариерата.

Тоа што одамна беше најавено, денеска доби своја официлизација од страна на тимот во кој тренер е Давид Писонеро, а настапуваат уште двајца Македонци – Димитар Димитриоски и Дарко Димитриевски.

Карапалевски потпиша договор на две сезони со Ваљадолид и Писонеро очекува да внесе свежина во нападот.

„Мартин е македонски среден бек кој го знам од СП за кадети што се играше во Скопје. Јас сум тој што го внесе во првиот тим на Вардар. Тој е млад играч со голем потенцијал, со искуство од Лигата на шампионите, Лигата на Европа, СЕХА лигата и македонското првенство, со неколку добри сезони зад себе. Карапалевски не е висок, но е интелигентен играч, кој е добар во играта „еден на еден“, како и во играта со пивот. Се надевам дека ќе расте во Ваљадолид“, изјави Писонеро.

Карапалевски пред заминувањето за Шпанија ќе има уште предизвици со Вардар во Супер лигата и во Купот на Македонија.