Трето мундијалско злато за Франција – ја симна Норвешка од светскиот трон!

Селекцијата на Франција е нов светски првак, откако во интересен натпревар во финалето славеше против сега веќе поранешниот шампион Норвешка со 31-28. Французинките имаа контрола во поголем дел од мечот, скандинавките се доближија во финишот, но немаше време за камбек и евентуален пресврт. Ова е трето мундијалско злато за Франција, по оние во 2003 и во 2017 година, а вкупно седми мундијалски медал.

Во првото полувреме се играше најчесто гол за гол, но како одминуваше времето така Французинките ја преземаа контролата на теренот и пред крајот стигнаа до плус четири, 20-16. За да не биде се така црно се погрижи искусната Мерк со голот за 20-17 кој го постигна од пенал.

Во вториот дел Франција го контролираше резултатот, но Лунде запре два пенали, се разигра Херем и Норвешка на десетина минути до крајот на мечот успеа да се доближи на минус еден, 26-25.

Крумболц повика тајм-аут и Канор ја извлече Франција од непријатна ситуација со голот од тешка позиција за 27-25. Норвежанките згрешија на два пати, Грандво казни на спротивната страна.

Истата ракометарка во следната акција украде топка, погодои уште еднаш и на пет минути останати за игра беше 29-25 за Франција. Норвешкиот селектор Хергеирсон немаше каде, па ги собра своите ракометарки на тајм-аут. Сепак ништо особено не се смени во финишот, голманката на Франција, Сако бранеше успешно и потоа радоста можеше да почне.

Хорачек и Грандво со по пет голови беа најдобри на теренот кај Франција, додека во норвешката селекција се истакнаа Морк со осум и Офтедал со шест погодоци, а Реистад имаше пет гола.