Поранешната ракометарка на Вардар, Марија Спасовска, сега успешно плови во музичките води. Пред пет години беше претставник на Македонија на детската Евровизија, и реши дека наместо ракометот, нејзин приоритет во иднина ќе биде музиката.
Таа настапи на фестивалот „Макфест“ со песната „Темперамент“, остави одличен впечаток кај штипската публика и музичката јавност и полека, но успешно ја гради својата музичка кариера.
„Презадоволна сум од мојот настап, мојата песна ‘Темперамент’ ја доживеав исто така како насловот. Досега немав многу настапи во живо со поголема кореографија и беше голем предизвик за мене да издржам да ја испеам песната до крај и да сум пожива на сцена, мислам дека како што треба си ја завршив задачата“, вели Спасовска.
Иако е многу млада, Спасовска имаше настапи и на познати фестивали во Москва, Минкс, на „Славјански Базар“ во белорускиот град Битебск, беше дел од мјузиклот ,„Тајно моја“ посветен на легендата Тоше Проески.
Таа беше дел од младинските школи на Вардар, и иако и ракометните стручњаци и предвидуваа, сепак се реши за музиката. Вели дека еднакво напорно е да се трча на терен, и да се игра и пее на сцена.
„Секоја работа што се работи со љубов е еднакво напорна и тој што е посветен на ракометот, ќе се посвети 100% да се покаже на теренот, а јас се потрудив вечерва да испеам исто така на сцена. Ми беше задоволство да трчам на теренот, за ЖРК Вардар, но морав едноставно да одберам една работа – дали ќе се посветам на спортот или на музиката. Таа го победи ракометот, но тоа значи дека не следам спорт. Исто толку напорно е да се трча на терен и да се пее и игра на сцена. Веројатно љубовта кон музиката била поголема, иако кога и јас сама се прашувам не знам да го дадам одговорот на тоа прашање затоа што навистина сакам спорт, но уметничкиот и креативен дел од мене пресуди“, продолжи Спасовска.
Летово Спасовска беше дел од проектот „Македонијо во срце те носиме“ и караванот низ повеќе македонски градови. Таа ја препеа легендарната песна „Ој Вардаре Македонски“, неофицијалната химна на спортското друштво Вардар. Спасовска се уште ги одржува контактите од ракометот, и е верен навивач на ракометните клубови.
„Комуницирам се уште со дел од девојките со кои бев во младинските школи на Вардар, иако тоа не е секојдневно затоа што тие се посветени максимално на тренинзи и натпревари, јас на моите проби и настапи. Го следам ракометот, Вардар го поддржувам, неодамна ја пеев „Ој Вардаре македонски“ на квалификацискиот дуел со Рајн Некар од Лигата на Европа и во тој момент знаев дека ги споив двете мои најголеми љубови во едно – музиката и спортот“, заврши Спасовска.