„Со Јасухира сме договорени да остане, Лазаревски ќе продолжи во ‘црвено-црниот’ дрес“

Тимот на Вардар активно работи на играчкиот кадар за следните сезони и многу веројатно костурот од оваа сезона ќе остане и во наредната.

„Црвено-црниот“ тим оваа сезона доби одличен организатор на играта во името на јапонскиот репрезентативец Косуке Јасухира.

Тој е играч на Висла Плоцк, позајмен на Вардар, а извршниот директор Борко Ристовски, откри дека личните услови со Јапонецот за да остане во Скопје се договорени, само треба да се договори оштетата за полскиот клуб во јануари.

„Со повеќето од играчите потпишавме нови договори, а некои имаат актуелни двегодишни договори. Блиску сме до нова соработка со Милан Лазаревски и договор би требало да потпишеме после Европското првенство, а со Косуке Јасухира сме договорени усно, но немаме се уште потпишано договор, бидејќи треба да платиме оштета на Висла Плоцк. Планираме тој да остане со нас уште две сезони“, вели Борко Ристовски.

Нови договори беа потпишани и со левите крила Марио Стојановски и Марко Срдановиќ, а актуелни договори имаат Јагуриновски, Николиќ, Петриќ…