Симовски: Ривалот од Чешка не е ниту за потценување, нити пак за преценување

Македонскиот шампион Ѓорче Петров за ривал во осминафиналето од Европскиот Куп ја доби екипата на Хазена Кинзварт од Чешка.

Ѓорчепетровки за ривали ги избегаа силните и амбициозни шпански претставници – Гранољерс, Елче и Гран Канарија, три тимови кои атакуваат на висок пласман во третото по ранг европско клупско натпреварување.

Кинжварт не е од рангот на Гран Канарија, Елче или Гранољерс, но секако дека треба да се сфати сериозно и максимално да се одигра на двата дуели.

Тренерот на Ѓорче Петров, Симе Симовски, смета дека ривалот од Чешка е незгоден, па така неговите избраничките ќе треба да го дадат најдоброто од себе.

,,Сите екипи во Европскиот Куп се незгодни, не се на врвот од европскиот ракомет, но се доста интересни. Од она што можевме да го видиме, тимот на Кинзварт има квалитетен ростер, имаат неколку интернационалки и репрезентативки. Споредено со нашата лига, чешката лига, односно МОЛ регионалната лига е на повисоко ниво, таму речиси секоја недела има дерби дуели. Ривалот не е ниту за потценување, ниту пак за преценување, Ние ќе одиме да се надигруваме, ни фалат 2-3 ракометарки за да бидеме во полн состав, но и со оваа мала чета која ја имам, ќе целиме да го дадеме максимумот”, изјави Симовски.

Во претходните рунди Ѓорче Петров ги елиминира црногорскиот Тиват и белгискиот Ојпен со четири победи, додека Кинзварт беше подобар од швајцарскиот Винтертур и од холандскиот Вестфрисланд.

Првиот натпревар меѓу Ѓорче Петров и Кинзварт е на програмата на 13/14 јануари во Скопје, додека реваншот ќе биде на 20/21 јануари на гостински терен.

Ни добро, ни лошо – Ѓорче Петров доби чешки ривал на патот до ТОП 8 во Европа