Швајцарците го задржаа најдобриот стрелец: Мартин Поповски во Цирих до 2026!

Еден од македонските интернационалци кој континуирано игра во одлична форма последните неколку сезони, Мартин Поповски, ќе го продолжи својот престој во Швајцарија.

Тој потпиша нов договор со Амичитија Цирих и ќе остане во овој клуб најмалку до 2026 година, односно ќе комплетира шест сезони.

„Среќен сум што ја продолживме соработката. Во минатите сезони, станавме дел од најдобрата четворка тимови во Швајцарија. Се надевам и убеден сум дека ќе продолжиме со добриот развој и во иднина да ги нападнеме водечките три позиции“, изјави Поповски.

Штипјанецот е најдобар стрелец оваа сезона на тимот од Цирих со 106 голови, а поголем дел од минутите на терен ги игра на десната бековска позиција.

Поповски пред да замине за Швајцарија играше за Текстилец, Вардар Јуниор, Вардар и Пролет.