„Секоја помината минута во Супер лигата е драгоцено искуство“

Еден од плејадата млади играчи од Прилеп е левиот бек Филип Адамчески, кој настапува за сениорскиот и младинскиот тим на прилепчани.

Адамчески постепено добива шанса на натпреварите од Супер лигата покажувајќи го својот раскошен талент, но и квалитетот да се носи со играчи кои имаат големо суперлигашко искуство.

Младиот член на Прилеп истканува дека секоја помината минута на натпревар во Супер лигата за него претставува драгоцено искуство.

 ,,Секако дека секој тренинг со сениорскиот тим и секоја помината минута во Супер лигата е драгоцено искуство за мене. Се обидувам да одиграм што е можно подобро на натпреварите на кои ми се дава шанса. Знаењето кои го стекнувам со сениорите, се трудам да го пренесам во младинската лига, во која со мојот тим сакаме да постигнеме добри резултати и да оствариме висок пласман. Да се игра во Супер лигата е огромно задоволство. Ние младите треба да се трудиме и да бидеме максимално дисциплинирани и посветени и да го почитуваме секој совет од тренерите. Секогаш треба да сме подготвени и да ја извршуваме својата одговорност”, изјави Адамчески.

Според Адамчески, ракометниот клуб Прилеп е добра средина за развој на младите играчи, бидејќи клубот паралелно инвестира и во пониските категории, а дел од младинците добиваат шанса и во првиот тим.

,,На нас помладите ни се укажува огромна прилика за да стекнеме што поголеми ракометни знаење и вештини и мислам дека Прилеп ќе може да смета на нас во иднина. Мислам дека Прилеп е добра средина за младите играчи, има добри услови и овде секој има шанса да го покаже тоа што го знае. Добивањето одговорност на натпреварите не ми создава притисок, туку ми е мотив за добра игра и победа на мојот тим. Нормална е тремата кај секој млад играч, но секако таа се пребродува. Со Пролет добив голема одговорност, играв 40 минути на теренот и можам да кажам дека бев задоволен од мојата игра.

Левиот бек е задоволен од условите за работа и смета дека тренерот Божидар Мојсов е голем плус за екипата.

,,Мене ми е голема чест што сум во тим предводен од Божидар Мојсов, тренер со големо ракометно искуство. Своето знаење секојдневно се обидува да ни го пренесе на секој можен начин и ние да можеме тоа да го примениме на терен. Тренинзите се напорни, но многу е важно да се научи од нив, сите сме прилагодени на ситемот кој што го играме. Условите за работа се одлични и со нив може само да напредуваме. Единствен проблем ни е училишната сала во која играме и тренираме, бидејќи подлогата не е баш најудобна”.

Минатата година Адамчески доби повик во кадетската репрезентација на Македонија. Тој вели дека повикот на поширокиот список додатно го мотивирал во своите настапи.

,,Многу бев среќен кога го добив повикот за кадетската репрезентација, тоа е сон на секој ракометар да заигра за својата татковина. Стигнав до поширокиот список, кој беше мотивација за понатамошното надоградување на моите квалитети. Се надевам дека и во иднина ќе добијам нов повик, па понатаму очекувам и за сениорска репрезентација, но за се има време, бидејќи времето работи за нас младите”.

Иако Прилеп на претходните осум одиграни натпревари успеа да оствари само едно реми, сепак, прилепчани не се откажуваат од намерата да дојдат до подобар пласман во својата група.

,,Атмосферата воопшто не е сменета од почетокот на првенството до денес, ние остануваме максимално посветени на нашата игра и ќе се потрудиме на освоиме што е можно повеќе бодови. Како што е познато, шансите за плеј-офот ни се изгубени, но ние целиме кон финиширање на полусезоната барем на петто место во својата група, сѐ со цел да пренесеме максимален број на бодови во плеј-аутот и да завршиме што е можно повисоко на табелата”.

Прилеп за ривал во рамки од 12. коло го има дебитантот од Автокоманда и токму на овој дуел избраниците на Мојсов ќе атакуваат на трета сезонска победа.

,,За натпреварот со Мулти Есенс имаме доволно време за да се подготвиме максимално и секако, одиме на победа. Со евентуална победа и атмосферата во клубот ќе се подобри и ќе имаме поголеми шанси за подобар пласман. Ја поканувам публиката да дојде во што поголем број, да нѐ поддржи како на претходните домашни натпревари, да биде нашиот осми играч и со нивна поддршка да добиеме три важни бода”, заврши Адамчески.