Се комплетира групната фаза на СП – во битките за медал продолжуваат 13 европски селекции

Завршија уште 16 натпревари од групната фаза на Светското првенство за младинки, а познати се последните две селекции што ќе играат во ТОП 16, односно во главната рунда – Норвешка и Шведска. Во битките за медал продолжуваат 13 европски селекции и три од Азија – Кореја, Јапонија и домаќинот Кина.

Ангола, Аргентина, Исланд и Тунис ги забележаа своите први победи на турнирот и со овие триумфи, сите четири селекции во Президент Купот ќе влезат со по два бода.

Ангола убедливо ја совлада репрезентацијата на Парагвај и со победа ја заврши групната фаза. Африканската селекција доминираше од самиот почеток, одигра цврста одбрана и го принуди противникот на дури 22 загубени топки. Најефикасна беше Изабел Катеко со шест погодоци, додека Марина Алфредо го понесе признанието за играч на натпреварот.

Аргентина по одличното второ полувреме ја совлада Турција со 29-26. Турчинките водеа по првите 30 минути, но Аргентинките направија пресврт благодарение на Хелена Албертина Молина, која постигна десет гола, и голманката Лола Валентина Нуњез Фридманас, која натпреварот го заврши со 16 одбрани.

Исланд ја оправда фаворитската улога против САД и славеше со 33-23. Иако Американките имаа предност од три гола на полувремето, Исланѓанките одиграа одлично во вториот дел и со серија од 6-2 направија комплетен пресврт. Асхилдур Јона Торхалсдотир и Дагмар Гудрун Палсдотир постигнаа по седум гола во победничкиот состав.

Тунис немаше никакви проблеми против Кинески Тајпеј и убедливо триумфираше со 30-17. Африканската репрезентација уште на стартот поведе со 8-0 и не дозволи никаква неизвесност. Мај Јазиди беше прв стрелец со шест гола, а голманката Аја Будаија со одличните интервенции беше избрана за најкорисна ракометарка на натпреварот.

Комплетирањето на групната фаза на Светското првенство за младинки донесе нови четири победници на групите. Србија, Шпанија, Полска и Црна Гора ги забележаа и третите победи по ред и со максимален ефект обезбедија прво место пред почетокот на главната рунда.

Србија во директниот дуел за врвот во групата Б ја совлада Австрија со 29-27. Австријките имаа добар почеток, но Србија брзо ја презеде контролата и во најголемиот дел од натпреварот ја одржуваше предноста. Австрија успеа да израмни на 23-23, но српските ракометарки возвратија со серија од три гола и го решија победникот. Со овој триумф Србија во главната рунда пренесува два бода, додека Австрија стартува без бодови.

Најубедлив настап повторно имаше Шпанија, која ја декласира Кореја со 30-18. Шпанките уште во првото полувреме создадоа убедлива предност (17-9) и до крајот рутински ја заверија третата победа. Со три триумфи, сите остварени со двоцифрена разлика, Шпанија потврди дека е еден од главните фаворити за медал.

Во групата Г беше одигран еден од најинтересните натпревари досега. Полска ја победи Унгарија со 27-25 во дуел во кој доминираа одбраните и голманките. По голема борба во второто полувреме, Полјачките ги искористија грешките на противникот во финишот и со трета победа обезбедија прво место во групата и два бода за главната рунда.

Црна Гора продолжува да импресионира на шампионатот. Црногорките ја совладаа Чешка со 32-28 и со максимален учинок ја завршија првата фаза. По убедливите победи против САД и Исланд, избраничките на Црна Гора покажаа квалитет и против најсилниот противник во групата. Маја Чеклиќ и Сања Андријашевиќ беа предводнички на тимот, а голманката Теодора Рончевиќ повторно одигра важна улога со 12 одбрани.

Со овие резултати Србија, Шпанија, Полска и Црна Гора во главната рунда ќе влезат со два бода, додека Австрија, Кореја, Унгарија и Чешка ќе мора да ја бараат својата шанса без бодовна предност.

Норвешка и Шведска ги заверија своите места меѓу најдобрите и се пласираа во ТОП 16 фазата, додека Бразил и Алжир ги запишаа првите победи и во Президент Купот ќе стартуваат со по два бода.

Шведска без никакви проблеми ја совлада Индија со убедливи 42-13 и со втората победа обезбеди пласман во главната рунда. Скандинавките по израмнетиот почеток направија фантастична серија од 13-0 и уште во првото полувреме ја решија дилемата околу победникот. Дури 13 шведски ракометарки се запишаа меѓу стрелците, а најдобри реализаторки беа Каролин Калио и Еба Борјесон со по шест гола.

Во групата Х, Норвешка го доби решавачкиот дуел против Фарските Острови со 27-22 и обезбеди место во главната рунда. Норвежанките уште на стартот создадоа солидна предност, а со серија од 7-0 на почетокот на второто полувреме го скршија отпорот на дебитантките на шампионатот. Маја Лејнан беше прв стрелец кај победничката селекција со шест погодоци.

Алжир стигна до првиот триумф на турнирот, совладувајќи ја Гвинеја со 24-21. Иако на почетокот на второто полувреме имаше негатива од четири гола, Алжирките направија голем пресврт во завршницата и со серија од 3-0 ја обезбедија победата. Меиса Зедири беше лидер на својот тим со шест погодоци.

Убедлива победа забележа и Бразил, кој ја декласира Канада со 39-16. Јужноамериканската селекција доминираше во текот на целиот натпревар, а Бренда Мендес беше најефикасна со девет гола. Со оваа победа Бразил во Президент Купот ќе влезе со два освоени бода.

По завршувањето на групната фаза, Шведска и Норвешка им се приклучија на репрезентациите кои ќе ја продолжат битката за висок пласман во главната рунда, додека Бразил и Алжир ќе се обидат да стигнат до што подобар пласман преку натпреварите во Президент Купот.

Франција, Германија и Данска со победи обезбедија прво место во своите групи и пренесуваат по два бода во главната рунда. Единствениот пораз на Јапонија не ја спречи азиската селекција да продолжи со два бода во следната фаза.

Актуелниот светски шампион Франција мораше сериозно да се помачи против Египет за да слави со 31-27. Африканската селекција одигра одличен натпревар и во неколку наврати имаше предност од три гола, а на полувремето замина со водство од 14-12. Французинките го свртеа резултатот во вториот дел и со подобра игра во финишот ја заверија третата победа. Џуди Валед Гоним беше извонредна за Египет со 11 гола, додека Мара Вама постигна осум за Франција.

Германија го освои првото место во групата Ц откако ја совлада Романија со 37-31. По израмнетиот почеток, Германките направија серија од 3-0 пред паузата, а во второто полувреме стигнаа и до двоцифрена предност. Кјара Рор повторно беше лидер на својот тим, додека Теодора Дамијан постигна 12 гола за Романија.

Данска без проблеми ја оправда фаворитската улога против домаќинот Кина и победи со убедливи 42-25. Данките имаа фантастична реализација од дури 92% во првото полувреме и уште тогаш ја решија дилемата околу победникот. Кирстине Емилие Хопе повторно блескаше со 10 гола, а Сесилие Норсков додаде осум.

Во групата Х, Хрватска ја изненади Јапонија и славеше со 26-23, нанесувајќи ѝ го првиот пораз на азиската селекција на шампионатот. Хрватките имаа контрола во најголемиот дел од натпреварот, а кога Јапонија се врати и израмни на 19-19, голманката Лара Пудиќ со неколку клучни интервенции во финишот ја обезбеди победата. И покрај поразот, Јапонија како победник на групата пренесува два бода во главната рунда, а Хрватките ќе мора да се задоволат со разигрување за пласман од 17 до 32 место.