Родригез го објави списокот пред СП – повика 27 играчи

Селекторот на машката сениорска репрезентација на Унгарија, Чема Родригез, го објави поширокиот список пред настапот на Светското првенство во јануари.

На списокот кај Родригез партиципираат 27 ракометари, сите ќе бидат дел од подготвителниот период пред новогодишните празници, потоа седум од нив ќе отпаднат, а 20 ќе бидат во комбинација за настап на Мундијалот.

Поголемиот дел од младите играчи на Унгарија имаат голема минутажа во своите клубови, како на пример Герго Фазекаш (Висла Плоцк), Бенце Имре (Кил), Кристоф Паласич (Бенфика) и Зоран Илиќ (Хамбург).

Тука се искусните Роланд Миклер, Габор Анчин, Мате Лекаи, Миклош Роста…па така Унгарија со спој на младост и искуство ќе атакува на три победи во првата фаза од Мундијалот.

Како што е познато, унгарската репрезентација е еден од ривалите на Македонија на Светското првенство во Вараждин, а се очекува избраниците на Родригез да имаат солидна поддршка од трибините.

Унгарија пред СП на 8, односно 10 јануари ќе тестира против репрезентацијата на Србија. Првиот пријателски натпревар ќе се одигра во Сомбор, додека вториот тест меѓу двете репрезентации ќе биде во Сегед.