„Роди три деца и има поголем задник, ама ако играше ќе освоевме злато“

Репрезентацијата на Норвешка загуби во финалето на Светското првенство 2023 од Франција со 31:28, a на Мундијалот не настапи некогашната членка на Ѓер, Хајди Локе, која се уште игра во одлична форма во дресот на Ларвик.

Нејзиниот брат Франк Локе преку социјалните мрежи истакна дека Хајди заслужила да биде дел од норвешката репрезентација на СП.

„Зошто Хајди Локе седи дома на троседот кога треба да се игра финалето на СП? Зарем не треба најдобрите играчи да бидат таму? Зошто Торир ја отпиша од репрезентацијата? Бидејќи има 41 година и роди три деца? Правилно е да се размислува за иднината, но на ваков начин да се отпише „воин“ како Локе која гинеше за Норвешка е скандал. Малку има поголем задник и кремата која ја користеше пред меч за загревање, ја замени со онаа за целулит, но дали сте виделе како игра? Откако го роди третото дете, Хајди игра повторно на одлично ниво. Со сета почит кон сите кои играа, позицијата каде што настапува Локе (кружен напаѓач) беше најслаба. Можеше да биде барем тука, на клупата во салата. Штета, да беше во составот ќе освоевме злато“, напиша Франк Локе.

Хајди Локе во сезона 2022/23 од Вајперс Кристијансад се врати во нејзиниот матичен клуб Ларвик, кој во минатото беше голем ривал на Кометал ЃП и Вардар.

Токму во Вајперс Кристијансад освои две титули во Лигата на шампионите, додека во оваа сезона со Ларвик не успеа да се пласира во третата рунда во Лигата на Европа.