Неготинци со важни бодови за опстанок – го шокираа Еурофарм Пелистер 2

Вардар Неготино направи големо изненадување победувајќи го фавориизраниот Еурофарм Пелистер 2 со 24-23, и тимот предводен од Игор Котевски најави дека ќе се бори до крај. Ова с еважни бодови за домашните кои сега имаат вкупно шест, а после поразот Еурофарм Пелистер 2 веќе не е лидер на табелата во плејаутот.

Победничкиот гол за Вардар го постигна Лазар Адамовиќ во последната минута од пенал. Потоа гостите имаа уште 24 секунди да организираат напад за реми, но последниот удар не заврши во мрежата. А само неколку минути претходно Еурофарм Пелистер 2 имаше водство од 23-21 и беше чекор до освојување на планираните бодови. Потоа играта се сврте во корист на домашните кои ја надополнија негативата, и на крај заслужено славеа.

Двете екипи имаа свои минути на мечот, иако домашните повеќе беа во водство. На полувреме имаа предност од 14-13, а во второто полувреме и водство 17-14. Потоа битолчани направија пресврт и поведоа, но не успеаја да ја задржат предноста.

Лазар Адамовиќ со 8 гола и Петар Бугариновиќ и Андреј Митиќ со по 4 беа најефикасни во тимот на Вардар Неготино, Кај гостите најрасположен з аголови беше Мирче Калајџиоски со 8 гола.