Летен ракометен маратон – еве го распоредот на сите натпревари на Олимписките игри

Светската ракометна федерација денеска го потврди распоредот на сите натпревари во машка и женска конкуренција во прелиминарните рунди на Олимписките игри во Париз.

За ракометните сладокусци почнувајќи од 25 јули до 4 август, со исклучок на 26 јули кога е планирано Свеченото отворање на игрите, ќе има по шест натпревари дневно.

Првите два термини се 09:00 и 11:00, потоа 14:00 и 16:00, и централните термини се 19:00 и 21:00 часот. Сите натпревари од прелиминарната рунда ќе се играат во Париз.

Сите следни натпревари од 6 август до 11 август ќе се играат на стадионот „Пјер Морој“ во Лил, каде се селат по најдобрите осум во машка и женска конкуренција.

Женскиот турнир ќе го отворат Словенија и Данска, додека на првиот ден од машкиот турнир во утринскиот натпревар ќе се сретнат Словенија и Шпанија.