Машката репрезентација на Македонија утре на Светското првенство 2025 ќе го одигра последниот натпревар од групната фаза.
Македонија има теоретски шанси за пласман во четвртфиналето, а доколку имаше барем некој бод повеќе, тогаш тие шанси ќе беа малку пореални.
Селекторот Кире Лазаров во разговор за хрватскиот портал „Спортске Новости“ се наврати за случувањата од натпреварот со Холандија и големата неправда од страна на данските судии.
,,Ние сме мала земја и навистина го сакаме ракометот, но немоќни сме кога се споредуваме со големите држави како Германија, Франција, Данска… И згора на тоа ќе ни се случи „такво нешто“. Затоа е ракометот таков спорт каков што е, затоа Американците и не вложуваат пари во ракометот, не сакаат да го имаат ракометот како спорт, бидејќи има многу сомнителни ситуации што секој ги толкува како што ќе посака. Ова не е ни прв, па ни последен пат да се случува такво нешто. Гледам дека Холанѓаните се многу фаворизирани, но јас не говорам само за нас, ракометот како спорт нема иднина поради ваквите случувања. Да најдеш некој спонзор, сериозен инвеститор за да вложи пари, не знам дали некој би се нафатил да даде сериозни пари и потоа да биде измамен на еден ваков начин. Сите ние кои работиме во ракометот треба да бидеме сериозно загрижени“, изјави Лазаров.