Актуелниот бранител на трофејот во Купот на Македонија е Ѓорче Петров, кој веќе ја освои шампионската титула во Женската лига, а посакува втора година по ред двојна круна.
„Лавиците“ се најтрофејниот тим во ова натпреварувања, имаат освоено 17 трофеи, а покрај Ѓорче Петров, се радувале и Вардар (6), Металург (5) и Куманово (3).
Ѓорче Петров ја заврши Женската лига со пораз од Металург Автокоманда, кој треба да делува отрезнувачки за ракометарките на Симе Симовски.
„Уште на почетокот на сезоната, нашите амбиции беа да се бориме на три фронтови. Испаднавме во Европа, првенството го освоивме, сега ни останува Купот. Ова е натпреварување во кое ќе играме со Вардар, тим со кој игравме многупати сезонава, добро се познаваме и би требало да заврши во наша полза. Ако играме како што знаеме и игравме цело првенство, со исклучок на последниот натпревар, не би имале никакви потешкотии. Меѓутоа ако не го сфатиме сериозно, тогаш сигурно ќе имаме проблеми. Разговараме со девојките на таа тема, поразот од Металург Автокоманда треба да ги отрезни дека работата се завршува кога судијата ќе отсвири крај“, вели Симовски.
Ѓорче Петров имаше проблеми со повредени ракометарки целата сезона, но во Радовиш би требало да оди со целиот кадар.
„Генерално сите ракометарки ќе бидат подготвени за настапот на завршниот турнир од Купот на Македонија. Имавме голема болница низ текот на сезоната, но имаме поголем ростер, па се надевам дека ќе се заврши како што посакуваме“, продолжи Симовски.
Тренерот на Ѓорче Петров имаше краток и јасен одговор на прашањето дали неговиот тим ќе го одбрани трофејот.
„Да“, заврши Симовски.
Полуфиналето меѓу Ѓорче Петров и Вардар се игра в петок од 17:00 часот, додека во 19:30 е вториот полуфинален двобој меѓу Чаир и Металург Автокоманда.
Финалето ќе се игра в сабота на 31 мај со почеток во 16:00 часот.