КУП Ф4 2025 – Платон: За секоја екипа е предизвик да се биде на Ф4, се надевам сите ќе го дадат максимумот

Ракометарките на Вардар, кои имаат освоено шест трофеи во Купот на Македонија, повторно ќе бидат дел од завршницата на ова натпреварување.

Во салата „25 Мај“ во Радовиш, избраничките на Анжела Платон го имаат најтешкиот противник пред себе, актуелниот бранител на трофејот, Ѓорче Петров.

„Како екипа на Вардар, целта што ја поставивме пред стартот на сезоната да влеземе на Ф4, ја остваривме. Сега што очекуваме – во оваа ситуација сме аутсајдери, имаме доста повредени играчи. Сепак и покрај тоа очекувам дека ракометарките ќе го дадат својот максимум, бидејќи ова се последните натпревари во сезоната. За секоја екипа и за секоја ракометарка е предизвик да се биде на завршницата во Купот“, вели Платон.

Предводничката на Вардар се соочува со големи проблеми со ростерот.

„Ако Ѓорче Петров не потцени, како што се случи нешто слично против Металург Автокоманда, можеби ќе имаме шанси. Реално ние имаме млади и ниски играчи, останавме со еден бек во ротацијата, двата пивоти ни се повредени, но отсуството ќе го надополниме со кадетките, кои очекуваме да влезат во првиот тим за наредната сезона. Се надевам дека младите нема да се предадат и ќе дадат се од себе, борбеноста и мотивираноста треба да бидат наш главен адут.

Вардарки ја завршија сезоната на петтото место и главно ги добиваа сите натпревари на кои беа фаворити, а обезбедија и пласман на Ф4. Платон е задоволна од оствареното.

„Генерално сум задоволна од тоа како помина сезоната. Од некои ракометарки можеби и сум разочарана, очекував повеќе, но генерално од екипата, од пласманот кој го имаме со оглед на ростерот со кој располагаме генерално сум задоволна. Со повеќе ракометарки од актуелниот состав се продолжение договорите, дел од кадетките што освоија титула ќе влезат во првиот тим, а допрва ќе видиме во поглед на засилувањата“, заврши Платон.

Вардар и Ѓорче Петров ќе играат во првото полуфинале од 17:00 часот, додека од 19:30 ќе се сретнат Чаир и Металург Автокоманда.