КУП Ф4 2025 – Милано: Навивачите на Вардар заслужуваат да ги израдуваме со трофеј

Вардар е најтрофејниот македонски тим во Купот со 16 трофеи, а и оваа сезона во Охрид, оди по нов трофеј.

Во СРЦ „Билјанини Извори“ ќе бидат најдобрите четири екипи, а стратегот на „црвено-црните“, Гиљермо Милано со возбуда го очекува настапот во Охрид.

„Со голема возбуда го очекуваме Ф4. Сакаме да им ја донесеме радоста на навивачите на Вардар која ја заслужуваат. Лично, чувствувам голема возбуда и сум благодарен на животот што ми овозможи да го доживеам овој момент со Вардар“, вели Милано.

Тој смета дека се е во игра на Ф4.

„Сакам да бидам внимателен пред натпреварите. Мислам дека ние сме ментално силни и имаме широк состав со многу квалитетни играчи. Не сакам да зборувам за слабите страни на противникот, затоа што тие покажаа висок квалитет во текот на сезоната – и во домашното првенство и во Европа. Можеби имаат покус состав, но кога се игра дерби, со темпераментот што го имаат двата тима, сè е во игра“, продолжи Милано.

Вардар е најтрофеен тим во Купот на Македонија и има освоено 16 трофеи, а последен пат во 2023 година.

„Ова ќе биде мојот прв куп и не знам какви изненадувања може да се случат. Она што е сигурно е дека мора да играме одлично за да победиме противник како што е тимот на Лазаров. Истото важи и за другото полуфинале меѓу Еурофарм Пелистер и Охрид. Мислам дека и двата натпревари ќе бидат многу интензивни, со четири екипи кои имаат голема желба да го освојат купот – и тоа ми создава уште повеќе адреналин“, продолжи Милано.

Аргентинецот нема премногу главоболки кога се работи за ростерот и повредите.

„Ќе патуваме со 21 играч, а потоа ќе одлучиме кои 16 ќе влезат во протоколот. Нема да можеме да сметаме на Маргели и Стаменковиќ, а сите останати се на располагање“, заврши Милано.

Вардар ќе игра против „сино-белите“ од Автокоманда во терминот од 17:00 часот во СРЦ „Билјанини Извори“, додека во второто полуфинале од 19:30 ќе се соочат Еурофарм Пелистер и Охрид.