Тимот на Металург Автокоманда ќе игра за првпат во завршницата на Купот на Македонија, откако минатите две сезони не обезбеди место на Ф4.
Само четири тимови досега го освојувале трофејот во ова натпреварување – Ѓорче Петров (17), Вардар (6), Металург (5), Куманово (3), па Металург Автокоманда може да им се приклучи на овие четири тима ако биде најдобар во Радовиш.
Предводничката на Металург Автокоманда, Јулијана Дамчевска, се согласува со тезата што најмногу важи за Куп натпреварите – дека нема фаворити.
„Победнички ја завршивме сезоната во Женската лига и се надевам дека тоа е добра увертира за Куп натпреварите. Според мене, како години наназад, така и сега, нема фаворити. Верувам дека сите четири екипи што се пласираа на Ф4 се спремаат за да го дадат својот максимум и да го освојат трофејот. Мислам дека ќе биде доста неизвесно“, вели Дамчевска.
Ривал во полуфиналето на Металург Автокоманда ќе биде тимот на Чаир, кој беше совладан три пати во плеј-офот, а противникот запиша еден триумф во четирите меѓусебни средби.
Сите ракометарки на Металург Автокоманда би требало да бидат подготвени за настап во Радовиш.
„Некои ситни повреди секогаш ги има, тоа е својствено за ракометот, но сме стабилни и мислам дека сите ракометарки ќе бидат подготвени за настап во Радовиш. Со освоеното второ место и со пласманот на Ф4 ги остваривме планираните амбиции, а веќе работиме на плановите и ростерот за наредната сезона“, заврши Дамчевска.
Полуфиналето меѓу Ѓорче Петров и Вардар се игра в петок од 17:00 часот, додека во 19:30 е вториот полуфинален двобој меѓу Чаир и Металург Автокоманда.
Финалето ќе се игра в сабота на 31 мај со почеток во 16:00 часот.