Тимот на Охрид по седум сезони пауза успеа да се врати на завршниот турнир во Купот на Македонија, откако мина три пречки – Шампион, Прилеп и Тиквеш.
Охриѓани имаат големи амбиции, затоа и го организираат Ф4 во ова натпреварување, а во СРЦ „Билјанини Извори“, ќе дојдат и Вардар, Еурофарм Пелистер и тимот на Кирил Лазаров, кој е бранител на трофејот.
Тренерот на Охрид, Стевче Алушовски, како играч се радувал на многу трофеи во Купот, а сега ќе се обиде „гладијаторите“ да ги однесе до прв трофеј на домашна сцена.
„Среќен сум што нашиот клуб ќе биде организатор на Купот, ќе бидеме домаќини. Тоа што можам да го ветам е дека ќе направиме се што е во наша моќ. Имаме проблеми со повредени играчи, се играчи што недостигаат во ростерот, меѓутоа на ова натпреварување ќе одлучува дневната форма на ракометарите. Јас сум тренер чија екипа секогаш се стреми на победа. Без разлика на сите резултати, Охрид покажа дека е екипа која може да игра против секого. Се надевам дека овојпат среќата и резултатот ќе оди на наша страна“, изјави Алушовски.
Тој смета дека нема тајни меѓу екипите, кои играат многупати меѓусебе оваа сезона.
„Оваа сезона и претходната имаме одиграно многу меѓусебни натпревари, а костурот на двете екипи е истиот, со мали измени. Пред дуелот со Вардар, гостувавме во Битола, игравме добар натпревар 50 минути. Детали што можат да одлучат се борбеноста, желбата за победа. Реално веќе имаме видено се од нив, и тие од нас…можеби еден два детали во одбрана или напад, не верувам дека имаме со што да ги изненадиме или обратно. Ние во оваа четворка сме аутсајдери пред стартот, меѓутоа ќе им треба одлични 60 минути на противниците да покажат дека се подобри од Охрид“, продолжи Алушовски.
Стратегот не смета дека треба дополнителна мотивација за вакви натпревари.
„Ако треба да се мотивираме за дуели од Ф4, тогаш не сме на добар пат. Секој играч треба да е свесен што значи да се игра на Ф4, натпревар за финале. Македонскиот Куп е празник на ракометот, нормално дека пред натпревар ќе кажеме некој збор, но мотивацијата треба да ја имате во себе“, вели тренерот Алушовски.
Тој работи со екипата и се бара начин заедно со играчите, како оние егал натпревари со екипите како Вардар и Еурофарм Пелистер, да ги завршат во корист на Охрид.
„Голманите на Вардар и Еурофарм Пелистер секогаш се истакнуваат на дуелите со Охрид, ние голем дел играме во егал, но натпреварите завршуваат така како што завршија. Мислам дека екипата е физички максимално спремна, не знам дали екипата паѓа психички, но јас не сум психолог, и не можам да знам дали е тоа причината. Зборуваме, анализираме што е тоа што ни фали за завршен чекор егал натпреварите да ги завршиме во наша корист, но играчите се свесни што треба и како треба да направат“, вели Алушовски.
Охриѓани се без Орјоникидзе, и нема да бидат комплетни ниту на Ф4.
„Орјоникидзе е во аут, но се надевам дека Јотиќ ќе биде спремен за Ф4. Ќе пробаме со многу ротација и голема желба да го изненадиме Еурофарм Пелистер. Пак ќе кажам, со резултатите годинава можеби ние сме аутсајдери во оваа четворка, но никогаш не вели никогаш“, заврши Алушовски.
Натпреварот меѓу Охрид и Еурофарм Пелистер се игра в сабота од 19:30 часот во СРЦ „Билјанини Извори“, додека претходно во првиот полуфинален двобој ќе се соочат Вардар и „сино-белиот“ тим од Автокоманда.