Играше на натпревари на СП, па одеше дома да го дои четиримесечното бебе

Голманката на Норвешка, Силје Солберг, заедно со нејзината репрезентација не успеа да ја одбрани титулата на Мундијалот.

Солберг и колешките во финалниот дуел беа поразени од новиот светски шампион, репрезентацијата на Франција, со 31:28.

Искусната голманка пред настапот на Светското првенство немаше одиграно официјален натпревар, откако во месец февруари се повлече од ракометените терени поради бременост.

Членката на Ѓер во текот на месец август се породи, доби девојче, а потоа започна постепено да се подготвува за камбек на терените.

За време на Мундијалот, на кој Норвешка заедно со Данска и Шведска беа ко-организатори, голманката пронајде биланс меѓу ракометот и четиримесечната ќерка.

,,Мојата ќерка Ема ми дава енергија во текот на денот. Срцето ми е исполнето кога се враќам дома, а таа е таму. Многу сум среќна поради фактот што успеав да ја задржам својата стабилност”, изјави Солберг за дневниот весник Verdens Gang.