Домаќинот на ЕП и ривал на Македонија во групната фаза – Германија, оствари победа на првиот пријателски натпревар пред континенталниот собир.
Германците во Фленсбург славеа против незгодната селекција на Португалија со 34-33, иако на полувремето водеа со четири гола, 18-14.
Избраниците на Алфред Гисласон имаа плус шест по петнаесетина минути игра, 12-6, а во вториот дел водеа и со 28-24.
Сепак по неколкуте одбрани на Капдевил во серија во финишот, Португалија преку Назаре намали на минус еден, 31-30, а потоа израмни на 33-33.
По тајм-аутот на Гисласон, Германците организираа акција, која ја реализираше десниот бек Усчинс за триумф.
Македонија и Германија ќе играат на 14 јануари во „Мерцедес Бенц Арена“ во Берлин со почеток во 20:30 часот.