„Домашните фанови направија спектакуларна атмосфера, ние победивме среќно“

Унгарскиот ПИК Сегед славеше на тешкото гостување во Битола кај македонскиот првак Еурофарм Пелистер со 28-27, со гол постигнат во последните секунди.

Тренерот на гостинскиот тим, Кристијан Карпати, ја пофали атмосферата во Битола и вели дека среќата била пресудна во финишот.

„Честитки за домашниот тим, ова беше многу тежок натпревар во фантастична атмосфера. Беше тешко да се игра во спектакуларна атмосфера што ја создадоа домашните фанови. Влеговме добро дефанзивно, па во првиот дел диктиравме темпо. Во вториот дел Еурофарм Пелистер беше одличен, нивните голмани растеа и се кренаа во дефанзива. Имавме проблеми во нападот, ама најважно беше дека во финишот бевме добри и во тешката битка и со малку среќа победивме. Покажавме добар менталитет и тоа беше пресудно“, изјави Карпати.

Стрелецот на клучниот гол за победа Золтан Сита вели дека најважно е што ПИК Сегед славеше на ова гостување.

„Домашните фанови направија фантастична атмосфера. На крајот за нас најважно беше дека запишавме победа и тие два бода се најважни. Направивме грешки кои мора да ги поправиме на следните натпревари. Одиме чекор по чекор, но сметам дека можеме да победиме секого во Лигата на шампионите ако сме на вистинското ниво“, вели Сита.

ПИК Сегед во следното коло ќе гостува кај хрватскиот првак Загреб, а потоа во последниот меч оваа година го пречекува Келце.