Репрезентативецот на Франција, Венсан Жерар, повеќе не е член на бундеслигашот Кил, откако двете страни спогодбено го раскинаа договорот.
Французинот, кој во редовите на „зебрите“ пристигна како големо засилување минатото лето, не одигра ниту еден првенствен натпревар за Кил, бидејќи во текот на подготвителниот период заработи повреда.
Иако стануваше збор за обновена стара повреда на адукторот, лекарскиот тим на Кил процени дека е неопходно да се направи операција, па така 37-годишниот голман мораше да паузира подолг временски период.
Кил како замена за Жерар го донесе неговиот сонародник Самир Беласен, кој беше еден од најзаслужните за освоеното злато на Франција на Европското првенство во Германија.
Бидејќи Беласен и вториот голман во редовите на Кил, Томас Мрква, бранат во одлична форма, стручниот штаб на германскиот шампион одлучил дека Жерар е веќе вишок, па така двете страни решија секој да си продолжи по својот пат.
Искусниот голман најави дека ја игра последната сезона во неговата кариера, но не е исклучена можноста да брани на Олимписките игри во Париз.