Унгарскиот шампион Веспрем пред своите навивачи убедливо го совлада ПСЖ со 41:28 во 2. коло од Лигата на шампионите и сега има две победи, во првото коло избраниците на Чави Пасквал го надиграа Фуксе Берлин со 32:31.
Домаќините со одличната игра во вториот дел ги декласираа „светците“ а најрасположени за игра беа токму репрезентативците на Франција, Недим Ремили и Хуго Дескат, како и Белорусинот Вајлупов, кој беше непогрешлив од контри. ПСЖ водеше минимално на стартот и по нерешените 4:4 сѐ мина во знакот на тимот на Паксвал.
Веспрем на полувреме имаше 18:15 и во вториот дел целосно го сопре нападот на избраниците на Раул Гонзалез постигнувајќи дури 23 погодоци. ПСЖ немаше ниту сила да ја преполови разликата, направи 18 технички грешки и целосно капитулираа овозможувајќи им на домаќините лесни голови.
Во групата А, во која се наоѓа македонскиот шампион Еурофарм Пелистер, тимот на Спортинг на гостувањето во Данска кај Фредериција ја забележа втората победа во елитното натпреварување, откако убедливо славеше со 37:19 (17:8).
Гостите од Лисабон одиграа одлично во двете полувремина, на пауза имаа предност од 17:8, додека во вторите 30 минути само ја довршија својата задача за освојување на двата бода.
Спортинг во следното коло ќе биде домаќин на унгарскиот гигант Веспрем, а Фредериција ќе му биде домаќин на Фуксе Берлин, кој вчера триумфираше против Еурофарм Пелистер.