Екипата на Чаир со пресврт во второто полувреме дојде до победа над Металург Автокоманда, триумфираше со 32:30 во натпревар од 4. коло од плеј-оф фазата во Женската лига.
Чаир победата ја обезбеди со одличната игра во последните десет минути. Иако губеше со 26:24, направи серија од 5:0 и запиша важни бодови во разигрувањето за титулата.
Гостинките во првиот дел најчесто беа во предност, во неколку наврати водеа со плус три, но и домаќинките имаа свои моменти во првиот дел, пред се поради добрите партии на Гулицоска и интернационалката Чавар.
Металург Автокоманда на полувреме замина со минимална предност од 17:16, а резултатот во првите 30 минути дури осум пати беше изедначен/
Избраничките на Јулијана Дамчевска подобро го отворија вториот дел, на двапати имаа плус четири (22:18, 23:19), но домаќинот во 40 минута со голот на Ѓорѓиевска намали на минус еден, 23:22.
Од тој момент сѐ беше во игра, а по предноста на Металург Автокоманда од 26:24, Чаир најпрво израмни на 26:26, потоа реализираше уште три пати за 29:26. Тимот на Дамчевска на минута пред крај намали на 31:30, а Величковска со својот трет гол стави крај на надежите на гостинките, па така можеше да започне славјето на домашната клупа.
Предводник кај Чаир беше Теодора Гулицоска со девет погодоци, осум додаде Стефанија Ѓорѓиевска, пет постигна Софија Чавар.
Во екипата на Металург Автокоманда прв стрелец беше Марија Јанкуловска, која зад своето име запиша дури 14 погодоци.