Нант сигурен против Мелсунген, четири тима се чекираа во ТОП 12, порази за Партизан и Загреб

Францускиот Нант славеше третпат во групната фаза и направи крупен чекор кон главната рунда, откако го совлада Мелсунген со 33-25. Домаќините уште по првиот дел стигнаа до одлична залиха, 17-10, па во вториот дел беше полесно да се доврши започнатата работа.

Бонде блескаше на голот на Нант со 14 одбрани, а Брие со Овничек и Леополд со по пет гола беа предводници во нападот. Кај Мелсунген, Симиќ фати 14 удари на домашните, но неговите колеги не беа баш расположени за игра.

На табелата во оваа група Нант и Висла Плоцк со по шест бода се на врвот, Мелсунген е трет со четири бода, а Вардар останува без освоен бод и ќе продолжи во Лигата на Европа.

ПСЖ без проблеми ја оправда фаворитската улога на гости кај Целје и славеа со 41-30, а гостите беа предводени од Камил Шипжак со девет гола, исто толку даде и Аљуш Анжиќ за поразениот состав.

Алборг вторпат го совлада Загреб, иако сега беше потешко отколку во Хрватска, 34-33. Гостите останаа без Садовски и Николиќ во вториот дел поради црвени картони, но и покрај тоа успеаја да се доближат на минус еден, 31-30, но немаа сили за комплетен камбек, па мораа да му честитаат на ривалот. Бељавски и Главаш дадоа по седум гола, а по шест за Алборг имаа Арнлодсен, Нилсен и Кнор.

Во оваа група Алборг и ПСЖ се „чекираа“ во ТОП 12, додека Загреб и Целје продолжуваат во Лигата на Европа заедно со Вардар, Колстад и Партизан.

Швајцарскиот Криенс Луцерн вторпат го победи Колстад, овојпат со 36-28, па ќе се бори со Келце за второто место во групата што ќе ја освои Магдебург со осум бода, бидејќи запиша втор триумф над полскиот првак, 30-28. Кај Криенс се истакна Жером Милер со 12 гола, а кај Колстад девет пати погоди Симон Јепсон.

Иако Келце водеше во повеќе наврати со по три гола кај германскиот шампион Магдебург, сепак остана со празни раце, откако домашните доминираа во вториот дел и ја имаа резултатската контрола. Мандиќ имаше 11 одбрани, а Кристјансон шест гола, додека кај Келце, исто толку даде Наи.

Веспрем имаше уште еднаш лесна задача против српскиот првак Партизан и славеше со 38-28. Голманот Микаел Апелгрен имаше дури 18 одбрани, а Драган Пешмалбек реализираше осум пати. Кај Партизан, пивотот Тобијас Вагнер постигна девет гола.