КАДЕТКИ: Вардар броеше до 43, прва радост за Маркови Кули

Ракометарките на Ѓорче Петров ја запишаа третата победа во женската кадетска лига и сега се осамени на врвот на табелата со шест бода.

„Лавиците“ славеа кај Деспина со 36-18, а победата беше обезбедена уште по првото полувреме кога гостинките водеа со 18-6. Магдалена Костадиновска со девет и Клара Филимановски со седум гола беа предводнички во триумфот, а Ивана Конеска стрелаше шест пати за прилепчанки.

Убедлива победа прославија и кадетките на Вардар над Чаир со 43-21. Како и мечот на Ѓорче Петров, така и овој беше решен на полувремето, кога домаќинките водеа со 22-11. Мина Ѓурческа со седум и Мила Милошевска беа предводнички во победничкиот состав, додека Лира Јусуф и Лијана Ќајани постигнаа по шест погодоци за Чаир.

Новиот женски клуб на македонската сцена, Маркови Кули ја забележа првата победа во клупската историја, откако го победи Кале Кичево со 22-17. Гостинките беа на минус еден, 13-12 на дваесетина минути до крајот, но Маркови Кули постигнаа пет гола по ред, 18-12 и практично ја обезбедија победата.

Јована Ѓоргиеска даде седум гола за победничкиот состав, а Марија Симјаноска погоди исто толку пати за Кале Кичево.

Кадетки, 3 коло, резултати:

Маркови Кули – Кале Кичево 22-17
Вардар – Чаир 43-21
Деспина – Ѓорче Петров 18-36

табела: 1. Ѓорче Петров 6, 2. Вардар 4, 3. Чаир 4, 4. Маркови Кули 2, 5. Деспина 2, 6. Кале Кичево 0