Младен Ракчевиќ се враќа во ракометот по повеќе години во кои беше целосно посветен на семејната винарија во Црна Гора. Поранешниот пикер на Вардар и Металург ќе биде прв соработник на Зоран Рогановиќ во стручниот штаб на црногорската репрезентација, која во ноември го почнува новиот квалификациски циклус.
Младен Ракчевиќ повторно ќе биде покрај ракометниот терен. Некогашниот црногорски репрезентативец, кој остави голема трага и во македонскиот ракомет со настапите за Вардар и на Металург, е избран за прв асистент на новиот селектор Зоран Рогановиќ.
Ракометната федерација на Црна Гора го потврди составот на стручниот штаб, а Ракчевиќ ќе биде најблискиот соработник на Рогановиќ во неговиот втор мандат на клупата на „лавовите“. За Ракчевиќ ова практично значи враќање во спортот на кој му го посвети најголемиот дел од животот.
По крајот на играчката кариера, тој се повлече од ракометното секојдневие и се посвети на семејниот бизнис. Во селото Смоковци, на околу 15 километри од Цетиње, ја развива „Винарија Ракчевиќ“, во старата семејна куќа и на имотот на неговите предци. Производството е мало и семејно, а меѓу сортите со кои работат се вранец, кратошија, каберне совињон и мерло.
Интересно е што Ракчевиќ пред неколку години отворено зборуваше дека размислувал и за тренерска кариера, но во тој момент чувствувал дека тоа можеби не е патот за него. Сега, сепак, ракометот повторно го повика.
За македонската публика Ракчевиќ е многу добро познато име. Црногорскиот пикер мина вкупно седум сезони во Скопје. За Вардар настапуваше од 2005 до 2009 година, а по една сезона во Колубара се врати во Македонија и од 2010 до 2013 година го носеше дресот на Металург. Со двата клуба освојуваше домашни титули и Купови, а со Металург играше и во четвртфиналето на Лигата на шампионите.
Колку Македонија му значи, самиот најдобро објасни во едно интервју по завршувањето на кариерата. Тогаш откри дека во периодот пред осамостојувањето на Црна Гора постоела реална можност да го облече и дресот на Македонија.
Ракчевиќ и Рогановиќ многу добро се познаваат и од репрезентацијата. Тие беа соиграчи во црногорскиот национален тим, а сега заедно ќе ја започнат новата етапа – Рогановиќ како селектор, Ракчевиќ како негов прв соработник.
Ракчевиќ одиграл 82 натпревари за националниот тим. Беше дел од репрезентацијата на Европското првенство во 2008 година, Светското првенство во 2013 и Европското првенство во 2014 година, а кон крајот на 2013 ја носеше и капитенската лента. Тој беше дел од генерацијата која ги поставуваше темелите на црногорската репрезентација по осамостојувањето, па во федерацијата веруваат дека неговото искуство и познавање на националниот тим ќе бидат значајни во новиот циклус.
Зоран Рогановиќ во септември беше повторно поставен за селектор на Црна Гора, откако на Дидие Динар му истече договорот. За Рогановиќ ова е втор мандат. Првиот траеше од 2018 до почетокот на 2023 година, а најголемиот успех го направи на ЕП 2022, кога Црна Гора заврши на 11. место – најдобриот пласман во историјата на машката репрезентација на едно големо натпреварување.
Новиот стручен штаб нема многу време за подготовка. Црна Гора на 5 ноември во Татабања ќе гостува кај Унгарија во првото коло од квалификациите за Европското првенство во 2028 година. Само три дена подоцна, на 8 ноември, следува првиот домашен натпревар – против Фарските Острови во Подгорица. Во групата 4 се уште и Косово.

























