Составот на Аеродром го доби еден од најинтересните натпревари во 5 коло од Првата лига против Македонија Ѓорче Петров со 31-30 и се најде на врвот на табелата по пет кола заедно со Драчево Јуниор и Текстилец.
Трите екипи имаат по осум бода за делба на првото место, додека по седум бодови досега собраа Пролет и Вардар Неготино, кои се на делба на четвртата позиција.
Мечот меѓу Аеродром и „лавовите“ од Ѓорче Петров го одбележаа и двата црвени картони кај гостите за Марко Станојоски поради три исклучувања, како и Мартин Бучуковски поради груб старт. Судиите Ќаев и Андонов доделија и 11 казни од по две минути.
Гостите водеа со пет гола во првиот дел, 9-4, но на пауза заминаа само со плус два, 14-12. Во второто полувреме преку Тотиќ, Петров и Зафировски стигнаа одново до четири гола залиха, 22-18, а на влезот на последните десетина минути беше 25-21 за избраниците на Оливер Димитриоски.
Домашните не се откажуваа од битката за позитивен резултат, а клучна за двата бода беше серијата од четири гола за четири минути до 55 минута, но и црвениот картон на Бучуковски поради остар старт.
Тогаш момците на Митко Стоилов по негатива од 27-25, поведоа со 29-27. Беше 31-29 на влезот на последната минута, домашните не реализираа, а до крајот Македонија Ѓорче Петров само успеа да намали преку Симоновски, кој постигна погодок по исткеот на времето од слободен удар пред живиот ѕид.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Михаил Митаноски со седум и Бојан Поповски со шест гола, а кај гостите се истакна Бојан Чакалиќ со осум погодоци.

























