Црна Гора со гол во последната секунда ја реши Србија, сега ќе чека услуга од Македонија

Селекцијата на Црна Гора славеше во последната пресметка против Србија со 20-19, па сега ќе чека услуга од Македонија за да го освои трофејот на „Трофеј Македонија“. Возбудлив меч одиграа братските држави, кој беше решен во последната секунда, иако Србија имаше два напади за триумф, не ги искористи, па следуваше казна.

Со овој резултат, Македонија нема шанси за трофеј, па во трката ќе останат Црна Гора и Хрватска. Црна Гора има пет бода и гол разлика од +7, додека Хрватска има три бода и +13, па било каква победа ќе им биде доволна за трофеј.

Србија како никогаш на претходните две средби парираше на ривалот и до паузата ги изнамачи Црногорките, кои беа без Јауковиќ на оваа средба. Имаа проблем Црногорките да ја запрат Милосављевиќ, која им задаваше проблеми, но некако до крајот на првиот дуел успеаја да стигнат до плус три, 13-10.

На стартот на второто полувреме Црна Гора поведе со највисоки плус седум, 18-11, пред Србија да направи серија од четири гола за 18-15. Лазовиќ мораше да бара тајм-аут, но Србинките и натаму беа во налет. Симиќ одлична беше на српскиот гол, па беше и 18-18, кога останаа уште пет минути за игра.

Нападот на Црна Гора не постигна гол петнаесетина минути, па Србија тргна во напад за водство. Тоа го донесе Радовиќ, 19-18, Црногорките одново погрешија и Србија имаше два напади за да го реши мечот, не ги искористи, па Црна Гора успеа да казни и со два гола по ред да направи пресврт и да го добие мечот.

Останаа три секунди за акција на Црна Гора, Лазовиќ викна тајм-аут и за тоа време беше организиран напад што го погоди Мехмедовиќ и за триумф, 20-19. Од 19:00 часот ќе играат Македонија и Хрватска, а на Хрватките ќе им биде доволно било каква победа да стигнат до трофејот.

 

▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲.
Со еден клик до сите вести.
🤾