
Тимовите на Охрид и Вардар веќе се во Гевгелија, каде утре во салата „26 Април“ ќе го одиграат Супер Куп натпреварот.
Ова ќе биде трето соочување на истите ривали, откако играа за трофеи на турнирите во Струга и Охрид, а двапати славеа „гладијаторите“.
Десниот бек на Охрид, Давид Савревски, го најави мечот со „црвено-црните“.
„Утре играме Суперкуп против екипата на Вардар. Мислам дека сме во добра натпреварувачка форма, но сепак, утре нè очекуваат 60 минути борба. Мислам дека нема фаворити на теренот. Ќе победи оној кој повеќе ќе го посакува триумфот и кој ќе покаже повеќе во текот на натпреварот“, изјави Савревски.
Мечот меѓу Вардар и Охрид е закажан за 19:00 часот во салата „26 Април“ во Гевгелија, а ќе го судат Исмаил Металари и Ненад Николовски.

Македонскиот шампион Вардар и финалистот на Купот на Македонија, Охрид, денеска во Гевгелија ќе го одиграат првиот официјален натпревар од сезоната 2026/27.
Ова ќе биде трета меѓусебна пресметка меѓу овие две екипи во претсезоната, откако играа во финалните натпревари на турнирите во Струга и Охрид.
Во финалето на Струшкиот турнир, Охрид славеше против Вардар со 31-30, додека „гладијаторите“ на домашниот турнир беа подобри со 29-27.
Третото соочување на двете екипи ќе биде од официјален карактер и носи трофеј како загревање за стартот на сезоната во Супер машката лига и европските купови.
Двајцата стратези, Иван Чупиќ и Борис Ројевиќ, не сметаа на најсилниот состав на ниту еден од подготвителните натпревари, а така ќе биде и на оваа средба бидејќи ќе отсуствуваат дел од ракометарите. Право на настап ќе имаат девет странски ракометари.
Во досегашните осум изданија на ова натпреварување, Вардар има четири трофеи, Еурофарм Пелистер има три, додека тимот на Кирил Лазаров има еден. Освен овие три тимови, во Супер Куп играла уште екипата на Металург.
Мечот меѓу Вардар и Охрид е закажан за денеска, 2 септември, од 19:00 часот во салата „26 Април“ во Гевгелија.
Досегашни изданија на Супер Куп:
2017 Вардар – Еурофарм Работник 30:25, Скопје
2018 Вардар – Металург 33:24, Струга
2019 Вардар – Металург 26:24, Куманово
2020 не се одигра
2021 Еурофарм Пелистер – Вардар 31:22, Скопје
2022 Вардар – Еурофарм Пелистер 22:23, Охрид
2023 Еурофарм Пелистер – Вардар 26:30, Струмица
2024 Еурофарм Пелистер – Алкалоид 30:33, Гевгелија
2025 Еурофарм Пелистер – Вардар 28:27, Кавадарци
2026 Вардар – Охрид, Гевгелија

Левото крило на Спартак, Анастасија Николовска, вечно ќе памети овој летен одмор пред стартот на новата сезона во Супер женската лига.
Нејзиниот партнер, каратистот Виктор Крстевски, и приреди романтично запросување покрај плажа, а од Николовска доби „ДА“.
Николовска со години е меѓу најдобрите стрелци во елитното женско натпреварување во Македонија, а во моментов е дел од Спартак.
Парот ја објави убавата вест на социјалните мрежи и честитките веднаш започнаа да се редат.
Николовска пред да игра за Спартак, беше дел од Металург Автокоманда, Ѓорче Петров, Чаир, Пелистер и Вардар Јуниор. Ги мина сите младински репрезентативни селекции, а настапи и на сениорското ЕП 2022 во Македонија.

Тимот на Драчево Јуниор ангажираше уште еден нов ракометар пред стартот на новата прволигашка сезона.
Ново име во составот на тренерот Велимир Настески е кружниот напаѓач Младен Тарчуловски, кој доаѓа од младинскиот тим на Вардар, а претходно настапуваше и за „витамините“ од Автокоманда.
Претходно во амбициозниот прволигаш се преселија средните бекови Томче Пецаковски од Еурофарм Пелистер 2 и Теодор Пецановски од Автокоманда, а оттаму доаѓаат и голманот Филип Николовски и левиот бек Томислав Стаменков. Потпишаа и левите крила Лука Мојсовски, кој доаѓа од Автомоманда и Матеј Тасевски кој дојде од Вардар, како и левиот бек Огнен Тасевски, кој минатата сезона беше дел од младинскиот тим на „црвено-црните“. Нови имиња во Драчево Јуниор се и средниот бек Иван Ќурчиев, кој беше дел од младинската екипа на Вардар, потоа левото крило Виктор Панчевски, кој доаѓа од Автокоманда, како и Давид Најдовски, кој беше дел од „црвено-црните“.
Амбициозниот прволигаш пред три сезони играше бараж за Супер лигата, а минатата сезона ја заврши ТОП 3. Во новата сезона Драчево Јуниор ќе биде дел од Првата лига со уште 13 други екипи, а првото коло ќе се игра на 12/13 септември.
Момците на Настески ќе стартуваат со дерби двобој на домашен терен против Вардар Неготино, уште еден кандидат за врвот во Првата лига.

Македонскиот вицепрвак Чаир го продолжува ремонтот на ростерот за претстојната сезона во која ќе влезе со уште повисоки амбиции.
Осмото засилување за составот на Басри Љатифи е кружниот напаѓач од Ангола, Алда Виол. Таа доаѓа од косовскиот тим Самадреџа, а потекнува од составот на Примеро Аугусто од Ангола.
Таа играше за Ангола на кадетското СП во Кина во 2024, но и на младинскиот Мундијал што истата година се одигра во Македонија.
Чаир ќе игра на четири фронта наредната сезона. Екипата е пријавена за настап во ЕХФ Европскиот Куп, а покрај настапите во Супер женската лига и во Купот на Македонија, ќе биде дел и од регионалната лига во група со Ѓорче Петров, српските Јагодина, Бор и Наиса Ниш, како и црногорскиот Старс Лавици.
Претходно Чаир ги донесе бековите Михаела Кралева, Нора Махмуд, Роуан Ел Шарбини и Стефани Ристиќ, десното крило Росана Павлова, левото крило Стефанија Ѓорѓиевска, како и пивотот Михаела Велјаноска.