Беспарица во Куманово – поранешниот шампион пред откажување од Супер лигата!

ЖРК Куманово најверојатно нема да настапува во Женската Супер лига во новата сезона. Иако клубот се пријави за учество, финансиските проблеми, заминувањето на голем број ракометарки и молкот од раководството оставаат сериозен сомнеж дали кумановки воопшто ќе ја започнат сезоната.

Еден од клубовите со традиција во македонскиот женски ракомет, ЖРК Куманово, се наоѓа пред многу неизвесна иднина. Во пресрет на новата сезона засега нема најави за засилувања, нема информации за почеток на подготовките, а во меѓувреме екипата остана без повеќе ракометарки од минатогодишниот состав.

За проблемите во Куманово се пишуваше одамна, клубот се соочува со сериозна финансиска и организациска криза и дека една од опциите е повлекување од елитното натпреварување. Куманово сепак се пријави за настап во Супер лигата, состојбата оттогаш очигледно не е многу променета. Од клубот нема официјална информација околу составот, подготовките или плановите за новата сезона, додека ракометарките една по една наоѓаат нови средини.

Се растури тимот што минатата сезона беше во ТОП 4

Едно од позвучните заминувања е Росана Павлова. Десното крило се пресели во Чаир откако минатата сезона постигна 108 погодоци на 25 натпревари за Куманово.

Голманката Ана Марија Горговска кариерата ќе ја продолжи во Пелистер. Таа минатата сезона имаше повеќе одлични настапи и беше една од ракометарките кои помогнаа Куманово да стигне меѓу четирите најдобри екипи во првенството.

Кружниот напаѓач Михаела Николовска се пресели во Овче Поле СУ, додека младата Меланија Јовановска стана членка на Ѓорче Петров 2. Куманово остана и без двете интернационалки Маријана Азеведо и Аманда Стеин, кои кариерата ја продолжуваат на Кипар, во екипата на Строволу.

Станува збор за сериозен одлив на играчки кадар, особено ако се знае дека Павлова, Азеведо и Стеин беа меѓу позабележителните ракометарки на Куманово во претходната сезона.

Од двојна круна и Европа до борба за опстанок на клубот

Во 2021 година клубот за првпат стана шампион на Македонија и истата сезона ја освои двојната круна. Куманово има и три трофеи во Купот на Македонија – освоени во 2019, 2021 и 2023 година.

Куманово редовно се појавуваше и на европската сцена. Последниот настап беше во Европскиот куп во сезоната 2025/26, кога кумановки беа елиминирани од литванската Каскада Гарлиава со вкупни 63-57, иако на реваншот во Куманово победија со 32-31.

Уште поинтересно е што на 21 мај од самиот клуб беше објавено дека ЖРК Куманово обезбедил право за настап во Европскиот куп и во сезоната 2026/27. Само неколку месеци подоцна, наместо за европските натпревари, главно прашање е дали клубот воопшто ќе ја започне домашната сезона.

Овче Поле можно решение за испразнетото место?

Доколку Куманово и официјално се повлече од Женската Супер лига, ќе треба да биде донесена одлука што ќе се случи со испразнетото место. Според неофицијални информации, една од опциите е тоа место да му биде понудено на Овче Поле СУ.

Тимот од Свети Николе веќе ги започна подготовките за новата сезона и во моментов се подготвува за настап во Првата лига, но амбициите на клубот се јасни – влез во Супер лигата. Минатата сезона Овче Поле беше блиску до позицијата што водеше во бараж, а летово дополнително го засили составот. Интересно е што едно од новите имиња е токму Михаела Николовска, која пристигна од Куманово.

Засега, сепак, нема официјална одлука ниту од ЖРК Куманово за повлекување, ниту од РФМ за евентуално пополнување на местото. Но времето минува, сезоната се приближува, другите клубови веќе тренираат и ги комплетираат своите состави, а во Куманово владее молк.

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24Ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________