Ракометот ги „победи“ сите колективни спортови – Израелците се „враќаат дома“

Израелскиот ракомет испиша историја и стана првиот колективен спорт што се враќа во земјата по завршувањето на војната. Европската ракометна федерација даде зелено светло меѓународните натпревари повторно да се играат во Израел, што претставува огромен успех за националната федерација и нејзиното раководство.

Одлуката беше потврдена на состанокот на Извршниот Комитет што се одржа во Данска. Со ова, ракометот го надмина фудбалот и кошарката, станувајќи првиот тимски спорт што повторно ги носи репрезентативните натпревари на домашен терен.

„Ова е огромен успех за израелскиот спорт и за нашиот ракомет. Горд сум што токму ракометот е првиот спорт што се враќа дома. Работевме напорно, ги зајакнавме врските со европските институции и верувам дека со ова отвораме врата и за другите спортови“, изјави претседателот на федерацијата Идан Мизрахи.

Веќе на 4 март, женската репрезентација на Израел ќе ја пречека Грција во квалификациите за Европското првенство, додека машката селекција на 22 март ќе игра против Грузија во реванш натпревар од квалификациите за Светското првенство. Во април, Израел ќе биде домаќин и на женската репрезентација на Австрија.