Трансфер сагата околу германскиот репрезентативец Јоханес Гола добива нов, неочекуван пресврт. Иако во декември 2024 година беше официјално објавено дека кружниот напаѓач на Фленсбург ќе се приклучи на Мелсунген во летото 2026 година, сега се појавија информации дека од тој трансфер можеби нема да има ништо.
Гола има потпишано петгодишен договор со Мелсунген, кој важи до крајот на сезоната 2030/2031, но според најновите шпекулации, Фленсбург сериозно размислува да го откупи неговиот договор и да го задржи во своите редови.
Клучна улога во целата приказна би можел да има можниот трансфер на Симон Питлик во Фуксе Берлин уште ова лето, иако претходно беше најавено дека тој ќе се пресели во Берлин дури во 2027 година. Се наведува дека Фленсбург би ја искористил високата отштета од тој трансфер за да го плати откупот на договорот на Гола.
Според „RThandball“, Фленсбург веќе му понудил на Мелсунген 400.000 евра – износ кој одговара на откупната клаузула во договорот на Гола.
Доколку ваквиот расплет се реализира, можно е Јоханес Гола никогаш да не го облече дресот на Мелсунген, и покрај веќе потпишаниот договор.
Инаку, Гола неодамна беше дел од германската репрезентација која освои сребрен медал на Европското првенство.


























