Иако изборија пласман во групната фаза на Лигата на Европа, ракометарите на Сесвете уште на почетокот на домашното првенство останаа без тренер. По поразот од Дуго Село на стартот на хрватскиот шампионат, клубот донесе одлука да се раздели со Жељко Бабиќ.
Станува збор за големо изненадување, а официјалното образложение е дека причините се од приватна природа, пишува „Спортске Новости“. Наместо Бабиќ, на клупата повторно ќе седне Игор Вори, кој веќе го водеше тимот пред неговото доаѓање.
За клубот ова е најпрактично решение во моментот, бидејќи Вори е спортски директор, ја познава екипата и состојбата во неа, па затоа не се очекуваат големи прилагодувања.
Сесвете е првиот ривал на Вардар и ќе гостува во Скопје во СЦ „Јане Сандански“ на 14 октомври во мечот што стартува од 18:45 часот.