Главаш: Беше сјајно да се игра во ваква атмосфера – во клучните моменти не бевме на ниво

Загреб иако имаше шанса да се избори за бод, сепак на крајот со наведната глава си заминува од Битола и пораз од 25-23 од македонскиот првак Еурофарм Пелистер.

Тренерот на хрватскиот шампион, Андрија Николиќ, вели дека победата на битолчани е заслужена.

„Тежок, тврд натпревар. Сигурно бројот на технички грешки што ги направивме го одреди текот на овој натпревар. За жал, ваков исход на крајот и заслужена победа за Еурофарм Пелистер, иако имавме прилика да стигнеме до бод овде. Во моментите кога имавме и неколку гола предност, нивниот голман успеа да стигне до неколку одбрани и не ни дозволи можеби да го скршиме мечот во наша корист“, изјави тренерот Николиќ.

Најдобриот стрелец на Загреб, Филип Главаш го призна поразот.

„Еурофарм Пелистер подобро го отвори натпреварот, тоа е јасно. Во вториот дел успеавме да поведеме, но во клучните моменти не бевме на вистинско ниво и не успеавме да ја оствариме нашата цел во оваа сјајна атмосфера вечерва овде во Македонија“, изјави Главаш.

Следен предизвик за Загреб ќе биде гостувањето кај Висла Плоцк.