По седум сезони во Вардар и шест во Келце, Игор Карачиќ од ова лето реши да заигра во татковината и потпиша за Загреб.
Во првиот меч во Лигата на шампионите си заминува со пораз од Битола и како голем џентлмен им честита на пелистерци за бодовите.
„Честитки за Еурофарм Пелистер, подобро влегоа во натпреварот. Имавме и ние свои прилики во втоориот дел, поведовме со два гола, имавме и за плус три, но нивниот голман одбрани три зицери. Покрај тоа имавме и напад за реми на крајот. Не го одработивме тоа што сакавме за да освоиме два бода на стартот во ЛШ. Ова е нова екипа, млада екипа, ќе треба време за сето ова да се вклопи и ќе биде голема борба за осминафинале. Секој ќе смета на домашни бодови, и што би можело да се освои на гостински терен. Честитки за битолчани и ги чекаме во Загреб. Нам ни останува да се бориме, да тренираме, да видиме колку и што можеме, а ние одиме да се спремаме за следните предизвици“, вели Карачиќ.
Поранешениот хрватски репрезентативец е македонски зет и секогаш со радост се враќа во Македонија.
„Немам посебни емоции, овој натпревар беше како и многу други во Лигата на шампионите, имам одиграно повеќе од 500 наптревари. Сакавме да победиме, дадовме се од себе, но домашните беа подобри. Секогаш е убаво да се вратам во Македонија, да го посетам Скопје, бев пред седум дена. Македонија е мој дом, и секогаш со радост се враќам тука“, заврши Карачиќ.
Следен предизвик за Загреб ќе биде гостувањето кај Висла Плоцк.
Славеничка ноќ во Битола – Еурофарм Пелистер го сруши Загреб!