Блесок на Дуновска, Македонија запиша победа на ЕП!

Женската кадетска репрезентација на Македонија славеше против Турција со 30-27 во разигрувањето за пласман од 13 до 24 место на Европското првенство во Црна Гора. Со овој триумф кадетките останаа во трка по пласман на Мундијалот следното лето.

Одлична партија имаше голманката Марија Дуновска со 15 одбрани и 38% на успешност, а во нападот беа одлични Таида Беровиќ со осум и Ања Лашкоска со седум погодоци.

Избраничките на Даниела Новеска беа во негатива на паузата, 14-13, во вториот дел губеа со три гола, 17-14, беше и 22-20, но покажаа карактер и во последните десетина минути успешно ја одработија задачата.

Направија комплетен пресврт, поведоа со три гола, 26-23 и до крајот иако Турчинките намалија на минус еден, сепак Лашкоска и Мифтари ставија точка на победата, што ја остава Македонија во битката за првото место во групата.

На овој натпревар како и на претходните нашите ракометарки имаа многу технички грешки, промашија и четири пенали, но сепак успеаја да слават многу важна победа. Утре следува меч со Шведска од 12:00 часот.