Повозрасните љубители на ракометот сигурно се сеќаваат на легендарната украинска ракометарка Олена Цигица, која три сезони мина во некогашниот европски шампион Кометал Ѓорче Петров.
Цигица, која сега има 50 години, по 20 години повторно ги посети Скопје и Македонија, со украинската делегација која настапи на Европскиот младински олимписки фестивал.
„Поминаа 20 години откако си заминав од Скопје и од Македонија во 2005 година. Ми беше многу интересно да видам и да споредам колку се изменило овде за 20 години. Многу е променета спортската инфраструктура, секако на подобро, но СРЦ „Кале“ е ист како што го оставив пред 20 години и мислам дека треба да остане така“, малку низ смеа коментира Цигица за храмот во кој играше три сезони од богатата и успешна кариера.
Таа не е директно инволвирана во ракометот, работи во Министерството за спорт на Украина.
„Сега работам во Министерството за спорт на Украина и се занимавам со организациски работи на олимписките настани, помагам на Олимпискиот Комитет на Украина“, вели Цигица.
Нејзината кариера ја градеше во Украина и Македонија. Играше за Криви Рог, Спартак Киев, Мотор Запорожје, од каде што дојде во Кометал Ѓорче Петров во 2002 година и остана до 2005, а кариерата ја заврши во тимот на Смарт каде тренер беше нејзиниот сопруг Валериј Војналович.
„Во 2010 година ја завршив спортската кариера во тимот на Смарт и тогаш кажав дека е доста од натпревари“, продолжи Цигица.
Во Кометал Ѓорче Петров мина три сезони, а во 2005 година со македонскиот клуб играше во финалето на Лигата на шампионите. Со украинската селекција има 202 настапи од 1998 до 2010 година. Беше избрана за најдобар лев бек на ЕП 2000 и СП 2003, а освои бронза на Олимписките игри во Атина во 2004 година.
„Многу убави спомени носам од Скопје и од Кометал Ѓорче Петров и се видов со дел од тогашните мои колешки како Бајрамоска, Чупиќ, Кастратовиќ, Новеска, Нацева…Три години настапи за Кометал Ѓорче Петров во Лигата на шампионите се незаборавни. Кога слетав во Скопје пред некој ден, се потсетив на прошетките по кејот на Вардар, плоштадот сега изгледа многу убаво во споредба со претходно, бев во реонот околу храмот Свети Климент Охридски каде порано живеев и тоа ми разбуди многу убави спомени“, заврши Цигица.
Цигица беше дел од генерацијата на украински ракометарки кои под водство на легендарниот Леонид Ратнер остварија одлични резултати. Заедно со екс кометалките Олена Радченко, Наталија Борисенко и Галина Маркушевска, како и Гана Сјукало, Марина Вергељук, Лилија Столпакова, Олена Резнир…испишаа златни страници во украинскиот ракомет, а нивните наследнички не ја продолжија низата, па сега Украина мора да се задоволи само со пласманите на големите натпреварувања.