Елена Ѓорѓиевска ќе има нов предизвик – се сели во Турција

Поранешната македонска репрезентативка Елена Ѓорѓиевска ќе има нов предизвик во играчката кариера од ова лето.

По настапите за полската екипа Енерга Калиш, Ѓорѓиевска се враќа во Турција каде играше за Анталија Коњалти и во следната сезона ќе го носи дресот на Одунпазари, кој обезбеди место во елитната конкуренција.

Ѓорѓиевска потекнува од Струга, играше за Еуростандард Ѓорче Петров, Кометал Ѓорче Петров, па за Металург, пред да замине во Будуќност, каде освои и титула во Лигата на шампионите.

Потоа ги носеше дресовите на романските Баја Маре и Крајова, а беше дел и од унгарската Алба Фехервар и хрватската Подравка.