Финалниот ден од Светското првенство за млади ракометари е врв на турнирот во Катовице, Полска, каде ќе се одлучи кој ќе биде новиот светски првак. Португалија и Данска, единствените непоразени селекции досега, ќе се соочат во големото финале, додека за бронзата ќе играат Фарски Острови и Шведска.
Португалија и Данска имаат по седум победи во низа, но само една ќе го крене пехарот. За Данска ова ќе биде десето финале, со досега освоени три титули, додека Португалија за првпат во својата историја стигнува до оваа фаза – нивен најдобар пласман досега беше бронза во 1995 година.
Данците имаат најдобар напад на првенството со 269 постигнати голови (просек од 38,4 по меч), додека Португалците се четврти со 253 голови (36,1 просек). Но, Португалија доминира во одбраната – имаат примено само 176 голови (24,4 по меч), втор најдобар дефанзивен резултат.
Двете селекции немаат поединец меѓу ТОП 10 стрелците, што зборува за нивната ширина и колективна игра. Најдобар стрелец на Данска е Магнус Педерсен со 43 гола, додека кај Португалија води Жозе Фереира со 31.
Данска оствари драматична полуфинална победа над Шведска со 40:37 по продолженија, а Португалија, пак, помина низ вистинска драма. По пресврт победата над Шведска (31:29), го елиминираа Египет (30:26), а во полуфиналето по епски 80 минути игра и одбранет пенал на крајот, ја совладаа репрезентацијата на Фарски Острови со 38:37.
За бронза претходно ќе се борат Фарски Острови и Шведска. Фарски Острови се вистинска сензација – најмалата земја што некогаш стигнала до полуфинале на СП. Тие веќе направија историја, а сега имаат шанса и за медал.
Нивниот лидер, Оли Митун, е најдобар стрелец (64 гола) и најдобар асистент (46) на првенството. Во полуфиналето против Португалија постигна 11 гола.
Шведска, од друга страна, игра одлично во одбраната, предводена од Теодор Улијана Старк и Маркус Бјоркман. За првпат по 2013 година, се наоѓаат во борба за медал на младински мундијал и ќе направат се за да се вратат дома со бронза.
Ќе се испише ли нова историја со титула за Португалија или ќе се врати старата слава на Данска? Одговорите доаѓаат вечерва во Катовице.
СП младинци Полска, распоред на натпревари:
12:00 – 7/8 место: Словенија – Норвешка
14:30 – 5/6 место: Египет – Германија
17:00 – Меч за бронза: Фарски Острови – Шведска
19:30 – ФИНАЛЕ: Португалија – Данска