Долгогодишниот чувар на мрежата и еден од лидерите на словачкиот ракометен шампион Татран Прешов, Игор Чуприна, ја заврши својата професионална играчка кариера.
Искусниот голман од следната сезона нема да биде дел од првиот тим предводен од тренерот Радослав Антл, а причината не е поврзана со форма или трансфер – туку со здравствени проблеми.
Овој чувар на мрежата на натпреварите против македонските екипи во СЕХА лигата (Вардар, Металург и Еурофарм Пелистер), секогаш имаше одлични партии и им задаваше многу главоболки.
Чуприна, кој со мали прекини настапуваше за Татран од 2015 година, реши да се повлече од професионалниот ракомет поради сериозни проблеми со ‘рскавицата во коленото. И покрај тоа, тој нема целосно да замине од клубот и ќе биде вработен во една од компаниите на клубот, но и ќе работи како тренер на голмани во младинските категории.
„Игор заслужува голема благодарност за сè што направи за клубот. Минатата сезона, кога се повреди Урбан, тој практично ја презеде капитенската лента и беше клучен во освојувањето на титулата. За жал, здравјето му го скрати ракометниот пат, но тој останува дел од нашето семејство,“ изјавија од Татран.
35-годишниот Чуприна, роден во Одеса, Украина, во 2019 година доби словачко државјанство и долго време го бранеше и националниот дрес на Словачка. Тој имаше емотивно обраќање на социјалните мрежи.
„Не го замислував вака крајот на мојата кариера. Но, здравствените проблеми со коленото беа постојани, болките се враќаа и не можев да продолжам на потребното ниво. Прешов ми стана дом, овде ми е семејството, пријателите, и сум благодарен за сите убави моменти – и победи и порази“, напиша Чурпина.
Во иднина ќе работи со младинските категории, со надеж дека ќе создаде свои наследници помеѓу стативите.