Уште една непознаница во Првата лига: Кој во плеј-оф – Јехона или Кичево?

По минатото коло екипата на Овче Поле стана деветтата екипа што обезбеди место во прволигашкиот плеј-оф, па остана уште еден билет за пласман меѓу тимовите што ќе се борат за место во елитната конкуренција.

Од групата Б во плеј-офот се пласираа Младост Богданци, Македонија Ѓорче Петров, Драчево, Скопје и Вардар Неготино, кои ќе се потрудат во следните три кола да обезбедат што повеќе бодови во меѓусебните дуели.

Од групата А во разигрувањето за Супер лига, место обезбедија Еурофарм Пелистер 2, Металург РА, Овче Поле и „витамините“ од Автокоманда. Единствената дилема што може да биде решена претстојниот викенд е дали Јехона или Кичево ќе се пласира меѓу најдобрите десет.

Јехона во моментов е на петтото место со 10 бода по 12 натпревари, додека шести е Кичево со пет бода по 11 натпревари. На гостиварци им треба уште еден бод на преостанатите два меча да обезбедат плеј-оф, бидејќи во меѓусебниот дуел со кичевчани се подобри (28-27, 27-27).

Тимот од Гостивар го чекаат пресметки со Еурофарм Пелистер 2 и со Овче Поле, додека Кичево има уште три натпревари и ќе игра со Овче Поле и Металург РА дома, како и на гости со Мулти Есенс.

Со оглед на квалитетите на битолчани, Јехона ќе ја бара својата шанса за плеј-оф против составот од Свети Николе, додека Кичево мора да победи на сите три средби и да се надева на два порази на гостиварци за да обезбеди место во разигрувањето за Супер лигата.