Го нема Никола, ама тука е Лука: Немав што да загубам…

Иако легендарниот Никола Карабатиќ во многу наврати бил „меч-винер“ и носел победи на Франција, тоа во четвртфиналето против Египет, беше неговиот брат.

Лука Карабатиќ беше стрелец на победнички погодок во мрежата на „фараоните“ на три стотинки до крајот на мечот, а тоа значеше пласман во полуфиналето.

„Видов дека имаме уште околу три секунди. Немаше многу време и бев свесен дека немав што да загубам, а можеме многу да добиеме. Дебоне ми ја додаде топката, јас ја шутнав и таа заврши во мрежата…Пресреќни сме и горди на оваа победа бидејќи игравме со исклучително тежок ривал, но успеавме да најдеме начин да славиме на крајот“, изјави Лука Карабатиќ.

Франција ќе се соочи со домаќинот Хрватска в четврток во „Арена Загреб“ со почеток во 21:00 часот.