Данците го провоцираа Лазаревски, ама тој им го „плесна“: Вакви навивачи сакам секој ден!

Данските арбитри Мадс Хансен и Јеспер Мадсен беа на мета на македонските навивачи по очајната арбитража на мечот против Холандија.

Данската ТВ2 која секогаш е прва во нападите кон македонските официјални лица кога им судат на нивните клубови и федерации, се обиде и сега да го испровоцира Милан Лазаревски кога се работи за „Фалангата“.

„Можеби е поинаку во Скандијавија, но овде не е толку необично како што вие мислите. Можеби не е најдоброто во светот, ама не е баш необично како што луѓето мислат“, изјави Лазаревски.

Потоа данските новинари го прашаа дали би избрал да има вакви навивачи цело време или да нема воопшто навивачи, алудирајќи на критиките на холандските репрезентативци дека ги гаѓале со предмети.

„Да секако дека би сакал да имам вакви навивачи секој ден. Ги сакам моите македонски навивачи и секогаш ги поддржувам. Ако треба да зборуваме со нив за нешто, тоа го правиме зад затворени врати. Никогаш нема да ги критикувам јавно“, заврши Лазаревски.

Македонија ја очекува пресметка со Гвинеја в недела на која треба да биде потврден пласманот во главната рунда на СП.